Окрупнување на земјоделското земјиште во кочанско
За една година земјоделците од селата Спанчево и Соколарци во општината Чешиново-Облешево треба да имаат окрупнети парцели. Проектот за консолидација на земјиштето се реализира со помош меѓународната агенција за храна ФАО, а опфаќа речиси 500 хектари со 1.100 сопственици.

Во атарите на селато Спанчево во општина Чешиново-Облешево продолжува окрупнувањето на малите парцели главно за производство на ориз.
Во Спанчево ќе се врши окрупнувањето на 276 хектари со 1.880 парцели и 620 сопственици. Површините по консолидацијата ќе добијат правилна форма, и ќе бидат групирани околу најголемата нива на сопственикот. Ќе треба да се обноват постојните и да се изградат нови патишта со што земјиштето ќе има подобар пристап до патната инфраструктура.
Целта е да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси. Исто така, окрупнувањето ќе овозможи поголем приход и профитабилност по хектар, како и примена на модерна земјоделска механизација и производствени технологии.
Освен во оваа општина, проектот се спроведува и во битолските села Логоварди, Оптичари и Трн, селото Кожле во општина Петровец, и во селото Дабјани во Општина Долнени.
Финансиската поддршка е обезбедена од фондовите на ЕУ, а активностите ги спроведува Светската организација за храна на Обдинетите нации – ФАО.
Методија Трајков
