Стразбур

Предлог- резолуција во ПССЕ за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан

30.09.2021 11:48

37 членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа предлагаат резолуција со која се бара поддршка за европска перспектива за Западен Балкан...

Триесет и седум членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа предлагаат  резолуција со која се бара поддршка за европска перспектива за Западен Балкан, во предложената резолуција тие констатираат: Поминаа 26 години од Дејтонскиот договор и 18 години од Советот на ЕУ во Солун, кој ја започна програмата за интеграција на Европската унија за Западен Балкан. Оваа временска рамка е премногу долга и предизвика фрустрации и разочарување во регионот, распалувајќи ги етноцентричните импулси и националистичката носталгија, оцрнувајќи го кредибилитетот на Европската унија кај јавноста и го отвора патот за влијанието на другите геополитички актери,  јавува дописникот на МРТ од Стразбур.

Време е Европската унија да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со повторно започнување на преговорите со Србија и Црна Гора преку воспоставување преговори со Албанија и Северна Македонија, доделување статус на земја кандидат за Босна и Херцеговина и либерализација на визите за влез во ЕУ за Косово, велат 37-те потписниците на резолуцијата.

Меѓу потписниците на резолуцијата се и членовите на македонската парламентарна делегација, пратеничките  Бисера Костадиновска-Стојчевска и Арта Билјали Зендели.

Овој предлог не е разгледан од ПССЕ и е обврзувачки само за неговите потписници, сепак ПССЕ во четврток ќе води дебата за улогата на Советот на Европа на Западен Балкан кој се наоѓа меѓу  демократските предизвици и европските аспирации. Непосредно пред дебатата на парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа ќе им се обрати вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ