Димитров во ПССЕ: Не е добрососедство ако некој ни кажува кој е нашиот идентитет и јазик
На покана на претседателот Рик Даемс, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска имаше специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа, што се одржува во Стразбур, Франција...

Во своето обраќање Димитров зборуваше за европските интеграции на нашата земја, за жртвите кои ги направи и разочарувањата од блокадата и два пати повтореното вето на Бугарија. Вицепремиерот, нагласи дека „спорот “ со Бугарија не е територијален, туку за различната интерпретација на историјата.
Тој тука потсети на симболичноста на ова место, односно на европските вредности кои се залагаат за разноликоста и почитувањето на идентитетот и јазикот на секого.
„Никоја земја не може да ни каже или диктира кој е нашиот идентитет и нашиот јазик, кој јазик го зборуваме, тоа не е добрососедство, ако тоа му се прави на својот сосед. Ако има добро решение, тоа треба да биде во европскиот дух“, нагласи Димитров.
На забелешката на бугарската парламентарка Екатерина Гечева Захариева, дека во земјата се дискриминираат лицата кои сакаат да се изјаснат како бугари, Димитров ги одби овие тврдења како неосновани, бидејќи пред комисијата за дискриминација нема ниту една претставка за ова, како ниту случаи пред ЕСЧП. Тој ги отрфли категорично обвинувањата за говор на омраза, одговарајќи дека затоа пак во Бугарија има политички партии кои тоа го прават кон Северна Македонија.
Според Димитров нема друга алтернатива освен Европа. Ако Европа не ги исполни своите ветувања и обврски, ќе ја изгуби довербата на народот и населението кое живее во овој дел на Европа. Многу парламентарци, потсетија на неисполнетите ветувања на ЕУ кон Македонија, што предизвикува фрустрации, како Жорж Катругалос од Обединета левица.
Претходно, вице премиерот имаше средби со Генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со неговиот домаќин претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Рик Даемс, како и со неколку други членови на ПССЕ, како Жак Мер и Лилијана Танги, пратеници во Националното собрание на Франција, од редовите на движењето „Републиката во Марш” на претседателот Макрон.
Средбата се одржа во пресрет на идното француско претседавање со Советот на ЕУ со цел размена на ставови за ревитализирање на политиката на проширување на Европската Унија, со акцент на европската перспектива на Северна Македонија.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
