Завршува пописот, рокот нема да се продолжи
Денеска завршува најголема и најобемната статистичка операција во земјава. Од Државниот завод за статистика уверуваат за успешно и навремено спроведување на пописот во законски предвидениот рок...

Финиш на најголемата статистичка операција. Рокот нема да се продолжи и покрај предизвиците со повиците за бојкот, хакерските напади и потешкотиите со системот. На последниот ден, продолжи евиденцијата на граѓаните коишто не биле посетени. Луѓето доаѓаа на пописните локации во општините за таму да ја завршат граѓанската должност и да се евидентираат во системот.
Одговорните велат дека последниве денови не се соочуваат со никакви проблеми, а пописот течел со предвидената динамика.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, попишани се повеќе од 1 милион и 813 илјади лица, над 562 илјади домаќинства и околу 822 илјади станови. Онлајн евиденцијата за попис на дијаспората ја искористиле 203 илјади нашинци во странство.
Анита Димитријевска Велковска
