Шекеринска: Со новиот План за интегритет оставаме нула простор за корупција во одбраната

30.09.2021 14:35

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната презентација на Планот за интегритет посочи дека Министерството и досега беше исклучително активно на полето на отчетноста и транспарентноста, кои се основа за ефикасна и отчетна одбрана...

Министерството за одбрана го донесе вториот План за интегритет за периодот 2021 – 2024 година, кој претставува една од клучните антикоруптивни политики и е практично алатка со која се остава нула простор за корупција во одбраната.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешната презентација на Планот за интегритет посочи дека Министерството и досега беше исклучително активно на полето на отчетноста и транспарентноста, кои се основа за ефикасна и отчетна одбрана. Министерката рече дека целта на неговата изработка е да се развие транспарентен одбранбен сектор со разработен систем кој што постојано секојдневно ќе гарантира интегритет.

Шекеринска информираше дека овој План за интегритет фокусот го става на системот за управување со човечки ресурси, спречувањето на судир на интереси, елиминирањето на ризици од корупција при учество во меѓународни мисии, зајакнување на интегритетот при јавните набавки, но и креирање на посилни механизми за внатрешна контрола.

„Транспарентноста и интегритетот се клучни состојки ако сакаме да развиваме т.н. отпорни институции и отпорни општества. А, токму оваа отпорност станува новиот НАТО приоритет. Отпорност кон кризи, отпорност кон проблеми кои што се увезени, отпорност кон дезинформации, отпорност кон надворешни влијанија – сето тоа можете да го создадете во општеството ако тоа општество и тие институции ги развивате со транспарентност и со интегритет. Овој План за интегритет не е само дел од нашата борба против корупција, туку и дел од нашата стратегија да развивме отпорно општество и отпорни институции“, рече министерката.

Министерката се заблагодари за силната заложба на тимот експерти во Министерството, на експертите од норвешкиот Центар за интегритет кои беа активно вклучени при изработката, како и на невладиниот сектор во земјава од кој беа добиени вредни совети за подобрување на Планот за интегритет.

Норвешкото одбранбено аташе акредитирано за Северна Македонија, Даг Манде Лунде, порача дека фактот дека Северна Македонија неодамна стана членка на НАТО – Алијансата не значи дека процесот на реформи треба да запре, туку напротив, сите сојузници, стари и нови треба постојано да се фокусираат на доброто владеење и антикорупциските мерки.