Локални избори

Костадинов: Струмица ќе биде помодерна и поуспешна општина

30.09.2021 15:27

На централниот митинг во Струмица, кандидатот за градоначалник на општината од редовите на СДСМ истакна дека ќе се залага за родова еднаквост. Вети и нови булевари, пазар, нова пожарна. Поддршка за неговата кандидатура даде и лидерот, Зоран Заев...

Нов градски пазар, нова противпожарна единица, нови булеварди, еднакви права и можности треба да уживаат сите жени, мажи, момчиња и девојчиња во сите аспекти на нивното живеење – општествени, политички, правни и економски, ова им го вети синоќа на централниот митинг, кандидатот за градоначалник во Струмица од редовите на СДСМ. Мојата визија е јасна – општина препознатлива по силни економски параметри, пример за планирање и реализација на европски проекти, општина во која социјалната инклузија е секојдневие и во која младите гледаат потенцијал и светла иднина, истакна Костадинов. Тој додаде дека Струмица ќе стане град препознатлив по спортски и културни настани, град што ќе значи иницијатор на регионални иницијативи за зближување и заеднички живот во сите сфери.

„Преку транспарентност и отчетност, со навремено делување и работа во сите сегменти ќе бидат третирани секојдненивте проблеми на граѓаните кои живеат во општина Струмица. Со еден ваков пристап и работна филозофија, со внимателно осмислена програма во која се опфатени сите аспекти и со мојот тим, верувам дека ќе бидеме премиер во управувањето и водењето на Струмица“, кажа Костадинов.

Кандидатот за градоначалник додаде дека од струмичани не бара глас за да владее, туку бара глас за да служи.

„Единствено што бараме од Струмица е верба во нашата искрена намера да ја водиме Струмица напред и да ја развиеме и изградиме во помодерна и поуспешна општина. Мојата младост нека биде гаранција за искрената намера“, кажа Костадинов.

На синоќешниот митинг поддршка на кандидатот за градоначалник му даде актуелниот премиер и претседател на СДСМ, Заев кој смета дека процесот на давање на шанса на младите е веќе почнат секаде низ државата и на голем број раководни позиции се поставени млади кадри, а оваа шанса му се дава и на Костадинов.

Струмица стана европски град уште пред многу години покажувајќи им на сите како се работи најдобро. Струмица беше и моторот во битката со режимот и моторот во напредокот кон Еворпа. Треба да се признае на овој град за храброста и одважноста во придонесот за слободата, кажа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за нашта општина“ во Струмица.

Тој додаде дека во кандидатот за градоначалник на оваа општина, Костадин Костадинов се препознава себе си и кажа дека верува во него бидејќи има јасен план и визија.

Лидерот на СДСМ кажа дека општина Струмица постојано вложува во инфраструктурата и додаде дека цела Македонија знае и препознава дека Струмица е европски град.

Тој додаде дека Костадин не ги дели луѓето по ниту еден основ - во нашата општина има граѓани од различни етнички и верски припадности и секој може да биде спокоен дека ќе биде еднакво почитуван, слушнат и разбран, без предрасуди и со посветеност, за потребите или идеите што ги има.

Стојне Митева