Кираџиева: Приоритет за Аеродром е да се изградат повеќе училишта и градинки
Кандидатката за градоначалник на Општина Аеродром од „Левица“, Весна Кираџиева вели дека приоритет е да се изградат повеќе училишта и градинки зошто бројот на деца во општината расте. Нужна е и поконтинуирана циркулација во сообраќајот, повеќе зеленило...

Да се расчистат дивите депонии како едни од најголемите загадувачи во Горно и во Долно Лисиче, терените да се пошумат и да се раззеленат. Да се направат паркови и тревници. Да се изградат Младински културни центри и спортски објекти. Ова се дел од проектите во програмата на кандидатката за градоначалник на Општина Аеродром, Весна Кираџиева. Таа вели дека е нужна поконтинуирана циркулација во сообраќајот, па затоа е потребно булеварите да се направат со кружни текови, за да се намалат сообраќајните незгоди.
Во Општина Аеродром живее млада популација и бројот на деца расте. Во училиштето „Лазо Ангеловски“ има преголем број ученици, Вели Кираџиева. Поради тоа, таа најави дека приоритет е да се изградат повеќе училишта и градинки.
„Се градат згради, а не се зема предвид дека на тие луѓе ќе им требаат и паркинзи, игралишта, зеленило“, вели кандидатката Кираџиева, која смета дека е потребно да се реши проблемот со пренаселеноста во Општина Аеродром.
Кираџиева смета дека моменталната состојба во државата е очајна, и на централно и на локално ниво, но вели во „Левица“ забележала борбеност која му пркоси на системот.
Александра Спировска
