Јанчев: 180 нови проекти за Кавадарци, да го задржиме континуитетот на развој
Кавадарци стана плодна почва за учење, за почнување на сопствен бизнис, за градење кариера. Да го задржиме континуитетот за развој на Кавадарци за да стане модерен и европски град. Ќе го завршам започнатото и ќе го продолжам планираното, нудам над 180 проекти- рече кандидатот за градоначалник на Општина Кавадарци од ВМРО – ДПМНЕ, Митко Јанчев...

За модерно Кавадарци се потребни работа, енергија, посветеност, знаење, а најмногу храброст, изјави пред своите сограѓани, кандидатот за градоначлалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“, Митко Јанчев. Тој рече дека во последните четири години била подобрена инфраструктурата , реконструирани главните сообраќајници, а не биле изоставени ниту руралните средини. Зелен пазар, вински музеј, спортски сали, доизградба на колекторот, модерно економично осветлување - се дел од веќе реализираните проекти, рече Јанчев, кој пред кавадарчани понуди повеќе од 180 нови проекти. Тој како најважни ги издвои проектите – бесплатен оброк за ученици, нов трговски центар, изградба на зоолошка градина и спа центар, како и обиколница за да се намали протокот на тешки товарни возила.
„Патот на криминалот и корупцијата да се заборави, ние ќе одиме по патот на просперитетот и промените“ – рече на митингот во Кавадарци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Вели, треба заеднички да се гради патриотизмот на 21-от век, како модерен и обединувачки за да се победи заедничката мака и да се создаде иднина за сите. Мицкоски со став - да покажеме дека политичарите кога се во владата и во институциите не ги поседуваат гласовите на граѓаните во џебот, туку треба макотрпно и деноноќно да работат, да бидат слуги на народот и поддршката да ја заслужат.
Мицкоски ја обвини актуелната власт за корупција и криминал, афери и скандали, но, вели никој не одговарал, а поднесените оставките биле амнестија. Тој посочи дека власта крие тивка инфлација, споредувајќи ги минатогодишните сегашните цени на маслото, млекото, брашното. Опозицискиот лидер вели - бадијала власта се фали дека платите се покачуваат кога цените одат нагоре, а народот има сѐ помалку.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави повеќе од 14.800 проекти од различни области за потребите на граѓаните, кои вели, ќе го подобрат животот. Од изборната програмата ги посочи реконструкција на 2.000 нови улици, 100 градинки, 150 училишта, 150 нови паркови, инвестиции во животната средина, градба на нови 60-тина објекти на културата и реновирање на истите, 90 спортски сали за младите, гасификација.
Наташа Гркова- Петрушевска
