Симовски: Пописот е успешен
Вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови се евидентирани со пописот што официјално заврши вчера. Во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани, најмногу од западноевропските, а многу помалку од прекуокеанските земји...

По 20 години земјава конечно спроведе попис на населението, домаќинствата и становите. Најголемата статистичка операција и официјално е завршена. Од Заводот за статистика велат дека била успешна. Попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Од дијаспората, вкупно се попишале 204.805 граѓани.
Како што соопшти синоќа директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, занемарувачка е бројката на оние граѓани кои одбиле да се попишат, но деновиве ќе биде собрана и точно ќе се знае колку се. Против нив ќе бидат покренати соодветни постапки. Бројката е занемарувачка, рече Симовски, и може да се изрази во промили, не во проценти.
„Пописот е целосно успешно спроведен. Земјава покажа дека има капацитет да спроведе ваква тешка статистичка операција. Сите домови беа посетени, сите граѓани беа дел од пописот, а оние кои не беа опфатени, а се дел од базите на податоци, ќе бидат дел од пописот“, истакна Симовски.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, а официјалните резултати од пописот треба да ги објави најдоцна за шест месеци.
Пописот се спроведе по комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената претпописна база.
