Земјоделците сѐ повеќе го осигуруваат родот

01.10.2021 10:04

Климатските промени со зачестени мразеви и град, штети и намалени приноси, ги натераа земјоделците да ги менуваат навиките и почесто да го осигуруваат родот. За првите 6 месеци вредноста на купените полиси е зголемена за 20 проценти, велат од осигурителните компании.

За земјоделците градот и мразот станаа најголеми опасности за производството, па заради тоа сѐ повеќе вложуваат во осигурување од овие ризици. За првите шест месеци од годинава повеќе од 70 проценти од вредноста на сите исплатени штети во земјоделството се последници на ваквите природни непогоди. Вредноста на купени полиси кои осигуруваат од град и мраз достигна пет милиони евра или 26 отсто повеќе од истиот период лани, велат од Агенцијата за супервизја на осигурувањето.

Во првата половина оваа година за загубите настанати од временските непогоди,  од осигурителни компании земјоделците добиле вкупно 162 милиони денари, а во 2020 година за намалените приноси од измрзнување и град наплатиле 99,5 милиони денари.

Според Агенцијата, вкупните вложувања на фармерите сега се за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период лани кога вложувањата во полиси за посеви, плодови и добиток биле 331 милиони денари. Менувањето на навиките и континуитет во пораст на осигурувањето на родот се бележи и во споредба со 2019 година кога вредноста на земјоделските осугурувања во првата половина од годината изнесувала 241,2 милиони денари.

 

Методија Трајков