Ковид-19

Висок процент на смртност кај невакцинираните

02.10.2021 10:29

И натаму висок бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема- покажува анализата за периодот од 6-ти август заклучно со 30-ти септември. Од починатите 1.162 лица, 987 не биле вакцинирани. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на коронавируост...

Висок процент на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид – 19. Според последната анализа на министерството за здравство која го опфаќа периодот од 6 август до 30 септември - 77 насто од позитивните случаи се граѓани кои не го поминале процесот на имунизација. Оние пак кои поради компликации завршиле во ковид центрите, дури 79 проценти не биле вакцинирани. Процентот на моментално хоспитализирани, а вакцинирани лица, според анализата на Министерството изнесува 21.

Смртноста кај невакцинираните е драстично голема, покажува статистиката. Во пресметковниот период починале 1.162 лица. Од нив дури 987 не биле вакцинирани. Оние пак кои примиле вакцина, а сепак починале, околу 15 насто, имале претходни хронични заболувања.

Од Министерството за здравство велат – вакцините се безбедни и апелираат граѓаните да се вакцинираат, затоа што како што велат, само на тој начин може да се дојде до колективен имунитет и да се спречат мутации на вирусот.

Според податоците од здравство, со две дози имунизирани речиси 44 проценти од популацијата во земјава. Иако процентот на новозаразени опаѓа, се уште е висок процентот на починати. Од ресорот објаснуваат дека главно тоа се пациенти со тешки коморбидитети. Бројот на активни случаи е нешто над 12 илјади. Најмногу се во Скопје, Тетово и Куманово.

Анита Димитријевска- Велковска