Политика

Оптимизам за решение со Бугарија по изборите

04.10.2021 09:16

Премиерот Зоран Заев вели дека по изборите во земјава и во Бугарија, има добра шанса да се најде решение за деблокада на евроинтегративниот процес. Според него, меѓусебното разбирање е сè повеќе присутно во разговорите. Очекува поддршка од претстојниот самит ЕУ- Западен Балкан...

Разбирањето меѓу Северна Македонија и Бугарија е сѐ поголемо и со дијалог ќе го потврдиме добрососедството и соработката – ја коментира премиерот Заев изјавата на неговиот бугарски колега Јанев дека по изборите во двете земји ќе се интензивираат разговорите и дека Бугарија сака дијалог и решенија кон иднината.

Заев од самитот ЕУ- Западен Балкан очекува поддршка за земјава, плодни разговори со челниците на Унијата, но и со бугарскиот претседател Радев. Дијалогот е клучен, потенцира шефот на македонската влада.

Во меѓувреме до самитот ЕУ- Западен Балкан зајакната дипломатска активност. Министерот Османи заминува во Германија каде ќе има средби со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, и со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот.

Во Полска ќе учествува на безбедносен форум, додека вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во Белград ќе учествува на економски форум како говорник на панелот: „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“

 

Миле Ристески