Земјоделство

Нови мерки во ИПАРД 3 програмата

04.10.2021 10:24

Во новата европска седумгодишна ИПАРД 3 програма за инвестиции во земјоделството и руралениот развој се предложени уште три нови мерки- за органското производство, за локалните акциски групи и за советодавни услуги. Конечната верзија, од страна на Брисел, се очекува да биде одобрена до крајот на годинава.

Конечната верзија на ИПРАД 3 програмата треба да биде доставена во Брисел на 15-ти ноември и да се усвои од Европската комисија во втората половината на декември или пред крајот на годинава, велат од Министерството за земјоделство.

Имплементацијата се планира да почне кон средината на 2022-ра кога ќе бидат објавени првите јавни повици. Вредноста на ИПАРД 3 е 97 милиони евра со можност да се зголеми.

Во програмата се вметнати сите досега акредитирани мерки за инвестиции во примарното производство, преработувачката индустирја, техничка помош, диверзификација и развој на бизниси во рурални средини. Предвидени се и три нови агроеколошки мерки, односно за органско производство, за локални акциски групи и за советодавни услуги во земјоделството. Сега се најавува и подготовка на уште една мерка од областа на шумарството.

Програмата има и новини од некои се веќе усвоени, а за другите се преговара. Една од позначајните за производителите, е авансното финансирање, односно повратот на дел од инвестицијата веднаш по аплицирањето без да се чека нејзината целосна реализација. 

Методија Трајков