ДИК ќе го утврдува изгледот на гласачкото ливче за претседателските избори
28.03.2014 12:22
Првпат оваа година гласањето најнапред на 13 април за претседателските избори, а за две недели потоа и за предвремените парламентарни избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места, наместо во 2.976 како досега...

Државната изборна комисија се очекува денеска на седница да го одреди изгледот на избирачкото ливче за претседателските избори. Најдоцна до полноќ општинските изборни комисии на видно место треба да ги објават описите на избирачките места за претстојните претседателски избори.
Првпат оваа година гласањето најнапред на 13 април за претседателските избори, а за две недели потоа и за предвремените парламентарни избори ќе се гласа на 3.480 избирачки места, наместо во 2.976 како досега. Нови избирачки места се 504 распоредени во повеќе делови на земјата.
Според Роковникот на ДИК, за изборни дејствија за претседателските избори, учесникот во изборната кампања е должен 11-от ден од денот на изборната кампања односно на 3 април да поднесе финансиски извештај за приходите и расходите на жиро - сметката за изборната кампања од денот на нејзиното отворање до десетиот ден од изборната кампања. Извештаите се поднесуваат на образец пропишан од министерот за финансии, а се поднесуваат до ДИК, Државниот завод за ревизија и од Државната комисија за спречување на корупцијата, кои се должни да ги објават на своите веб-страници.
Немоќните и болните лица кои сакаат да гласаат најдоцна до 5 април односно седум дена пред денот определен за гласање треба да ја известат Општинската изборна комисија. За избирачите, пак, кои се на издржување мерка притвор, овој рок е до 9 април.
Резултатите од испитувањето на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите односно најдоцна до 7 април.
На 2 април завршува рокот за доставување барања до ДИК за набљудување на изборите.
Кампањата за претседателските избори е во тек. Првиот круг од изборите се закажани за 13 април.
