Цените на храната ќе растат и до 50 отсто, комората бара итна средба со Владата
Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија бара итна средба со Владата за да се ублажи ценовниот шок што може да ги погоди граѓаните.

Се очекува раст на цените на основните прехранбени производи и до 50 насто. Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија бара итна средба со Владата за да се ублажи ценовниот шок што може да ги погоди граѓаните.
Велат, треба да се направи нова методологија за распределба на субвенциите. Да се даваат според класи и квалитет за да не останеме без домашно производство и да зависиме од увозот, апелираат од Стопанската комора.
„Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите“, вели Васко Ристовски од Комората.
Нагласува дека драстично поскапеа житарките и маслодајните семиња. Нивните цени во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед дека житарките и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни поскапувања на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните.
