Трета доза вакцина ќе биде достапна за сите граѓани
Состојбата со Ковид-19 е стабилна, намалена е хоспитализацијата на пациенти, изјави министерот за здравство. Филипче најави дека трета доза ќе може да примаат и други граѓани кои работат во ризични професии, без разлика на возраста. Во наредниот период ќе биде направено тестирање на 8.200-те ученици во основните и средните училишта...

Трета доза од вакцината „Фајзер“ ќе може да примаат и другите граѓани кои работат во ризични професии, имаат чести контакти и поголем ризик да се заразат со Ковид-19. Националниот комитет за имунизација ја прошири препораката, со што „бустер“ доза ќе добијат и останатите лица независно од возраста. Според професорката Грозданова, ваквата препорака доаѓа од она што е практика во европските земји и во САД.
„Во моментот тоа што го гледаме како искуства и како препораки и од страна на Американскиот центар за контрола и превенција од болести и на европските регулаторни тела е дека комбинирањето на вакцините против Ковид-19, особено давањето трета доза, во случајот кај нас тоа ќе биде „Фајзер“ со други претходно дадени од различен тип, дури и го зголемува, односно го проширува, имунолошкиот одговор“, истакна претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова.
Состојбата со коронавирусот е стабилна, се намалува бројот на хоспитализации, изјави министерот Филипче. Најави дека од средината на наредната недела почнува скринингот во училиштата, за кој ќе треба согласност од родителите. Целиот процес ќе трае десетина дена.
„Ќе бидат тестирани учениците во сите основни и средни училишта. Тоа се вкупно 8.200 и согласно таа методологија, а тоа е согласно бројот на учениците од прво до петто и од шесто до деветто одделение и посебно средните училишта, оваа недела заедно со МОН ќе бараме писмена согласност од родителите. Таму каде што нема да добиеме согласност ќе се најде замена на некој ученик“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Во однос на вакцинацијата, Филипче посочи дека е затворен пунктот во „Борис Трајковски“, а работат преостанатите седум поликлиники. На партиите ќе им препорача, на митинзите да се носат маски, иако се одржуваат на отворен простор.
Викторија Милевска
