МНР: Одлуката на Русија е возвратна политичка одлука без мериторна основа
Русија протера македонски дипломат во Москва. Одлуката на руското МНР е возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ и негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите, реагира македонското МНР...
Русија протера дипломат на Северна Македонија во Москва. Македонската в.д. амбасадорка во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска била повикана во руското Министерство за надворешни работи каде ѝ била врачена нота за прогласување „персона нон грата“. Во образложението на руското МНР се вели дека се возвраќа за протерувањето на рускиот дипломат.
„Мерката е одговор на сосема неоснованата одлука за прогласување на дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за „персона нон грата“ донесена од страна на Северна Македонија во август оваа година“, соопшти руското МНР.
Од МНР реагираа дека за претходното протерување на рускиот дипломат доставиле евидентирани докази дека дејствувал спротивно на Виенската конвенција за дипломатски односи.
„Одлуката на руското Министерство за надворешни работи претставува возвратна политичка одлука без никаков мериторен основ што негативно ќе се одрази на обидите за унапредување на односите меѓу двете земји“, велат од македонското МНР.
Од МНР соопштија дека во Амбасадата во Москва наскоро ќе биде упатен новиот амбасадор Ненад Колев акредитиран за Руската Федерација кој ги помина сите чекори за упатување.
Ирина Гелевска
