Прилеп

Публиката да се врати на претставите, бараат театрите

04.10.2021 16:08

Театарот е една од најпогодените уметности со пандемијата, констатирано на трибината на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Се бара да се зголеми бројноста на публиката на претставите за одржливост на театрите и да се води голема грижа за театарот во ова ново нормално време …

Ќе бараме на претставите да имаме барем 50, а не досегашните 30 насто публика. Безбедно е за публиката која е со маски и на растојание. Ова е побарано од трибината на 55-тиот МТФ „Војдан Чернодрински“ на кој учествуваат 13 театри.

„Сите директори ќе бараме публиката да биде присутна барем 50 проценти. Претставите ќе се течат, но финансиски не е издржливо со 30 насто публика“, вели Катарина Коцевска Хаџивасилева, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“.

„Губиме сите, зошто театарот е убав кога е полн, кога мириса на театар“, додава актерот Драган Спасов-Дац.

Театарот треба да се бори за себе си. Впечаток е дека на него свесно се заборава.

„Секоја театарска заедница, во која било земја мора енергично да се бори за тоа, со примена на сите околности кои ги пропишува медицината да го одржи театарот во живот. Бидејќи, еднаш ако го загубиме театарот, ќе загубиме голем дел од нашата култура“, вели Александар Милосављевиќ, театролог од Србија.

Една претстава од досега прикажаните пет на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е одложена поради болест на актер.

Елизабета Митреска