Белград

Димитров: Недостасува акција од ЕУ

04.10.2021 17:07

На Економскиот форум во Белград вицепремиерот Димитров учествуваше како говорник на панелот посветен на односите ЕУ – Западен Балкан во контекст на престојниот самит. Беше дискутирано кои се очекувањата и како да се обнови довербата во европското ветување кон регионот...

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Белград на економскиот форум имаше воведно обраќање на панелот „ЕУ-Западен Балкан: Што може да очекуваме од состанокот на ЕУ во Словенија?“.

Тој посочи дека состанокот се случува во период кога кредибилноста на европското ветување за иднината на Западен Балкан е доведена во прашање, поради што е потребно да се испрати јасен политички сигнал и двете страни да преземат одговорност за остварување напредок.

„Имаме проблем бидејќи и највештата и највизионерската декларација, нема да може сама да ја врати довербата и надежта меѓу граѓаните на Балканот дека е достижно и реално европското ветување, дека иднината на Балканот е во ЕУ, без акција. Имаше добри декларации, она што недостасува е акција. Од друга страна, во една ваква констелација, важно е да се слушне и убав збор, и ветувањето да се повтори“, изјави за МТВ вицепремиерот Димитров.

Димитров нагласи дека иако на Самитот нема да се носат политички одлуки, потребно е да се зајакне посветеноста на двете страни за да се унапреди соработката во областите од заемен интерес, што се теми на агендата за Самитот, вклучително и економската поддршка од ЕУ за регионот и градењето на регионален внатрешен пазар.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ