Пендаровски во официјална посета на Грција
Пендаровски ќе оствари средби со грчкиот државен врв, ќе биде примен од неговата грчка колешка Сакеларопулу, а ќе се сретне и со грчкиот премиер Мицотакис. Ова е прва посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави...

Претседателот Пендаровски од денеска ја започнува дводневната официјална посета на Грција, прва на највисоко ниво меѓу двете држави. Пендаровски ќе оствари средби со грчкиот државен врв, ќе биде примен од неговата грчка колешка Сакеларопулу, а ќе се сретне и со грчкиот премиер Мицотакис.
Посетата започнува утрово со положување венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред грчкиот Парламент, по што Пендаровски ќе се упати во Претседателската палата, каде што на официјална церемонија со државни и воени почести, ќе биде пречекан од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Сакеларопулу и Пендаровски ќе имаат тет-а-тет средба, како и пленарен состанок на делегациите на двете држави.
Од Претседателската, претседателот Пендаровски ќе замине за Премиерската палата, каде што ќе оствари средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а во текот на денот ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со американскиот амбасадор во Грција, Џефри Пајат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на министерка за култура и спорт на Грција, Лина Мендони.
Од Кабинетот на претседателот, во соопштението за официјалната посета истакнаа дека „претставува прва историска посета што ќе се реализира на највисоко ниво меѓу двете држави“.
