Дождовите добредојдени за земјоделството
Земјоделците можат да ја почнат подготовката за есенската сеидба. Врнежите кои се најавуваат во текот на оваа недела и претходните ќе ја ублажат сушата и ќе овозможат сеидба без поголемо задоцнување. Топлите есенски денови ќе можат да се искористат и за берба на преостанатиот род…

Врнежите ќе ја ублажат сушата. Дождовите кои наврнаа после подолг период во моментов се добредојдени за земјоделството, но според агрометеоролозите сепак се недоволни да го покријат сеуште големиот недостиг на влага во почвата.
Облаците дојдоа и најмногу се истурија во Скопје, Прилеп и Гевгелија, со околу 30 литри на квадратен метар. Во Струмица, Берово и Битола помалку од 20, на повеќе места под 10, а нај загрижувачка е состојбата во Овче поле и во Штип каде што беа забележани и најмалку врнежи од само 4 литри.
Сепак ваквите временски услови добро ќе дојдат за почеток на подготовките на површините за предстојната есенска сеидба, кои оваа сезона некаде почнуваат со доцнење, пред се заради неповолната состојба со сушното земјиште.
На почетокот од оваа седмица се очекува стабилизирање на времето со повремена облачност но и со пониски утрински температури, кои нема да бидат негативни, што ќе овозможи берба на доцните сорти на десертно грозје, жетва на пченката и сончогледот, берба на тутунот и на градинарски култури.
Методија Трајков
