Tрета доза вакцина препорачана за сите граѓани
Целта на препораката е да се заштитиме од многу инвазивниот делта сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефективноста на дел од вакцините се намалува...

Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19 поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.
Според Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, целта на препораката е да се заштитиме од многу инвазивниот делта сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефективноста на дел од вакцините се намалува.
Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со Ковид-19 сега е стабилна зашто континуирано повеќе денови има речиси идентичен број нови случаи – меѓу 450 и 500, но насекаде низ државата е сè помал бројот на тие што болнички се лекуваат и сега се околу 500. Филипче вчера изјави дека некои клиники, како Клиниката за уво, грло и нос и болницата во Козле, веќе се враќаат во нормална работа и нема да сместуваат КОВИД-пациенти.
Во вчерашниот здравствен билтен беа регистрирани нови 185 случаи од 1.876 тестирања во 24 часа. Евидентирани беа 523 оздравени пациенти, 12 починати и дополнително тројца во периодот 29 септември – 3 октомври 2021.
Со новата статистика, бројот на дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 192 654. Оздравени се 174.148, починати 6.719, а активни случаи има 11.787 во целата држава.
