Спој на кабел од дефибрилатор- причина за пожарот во тетовската модуларна болница
Спој на кабел од дефибрилатор е причината за пожарот во тетовската модуларна болница, се вели во извештајот од вештачењето доставен до Јавното обвинителство во Тетово. Прегревањето на кабелот предозвикало палење во приклучната кутија на продолжителниот кабел на кој што биле прикачени повеќе уреди. Јавното обвинителството ги очекува и извештаите од други институции, како и вештачењето на германските експерти...

Пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел, на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажало вештачењето од крим-техничарите во МВР за трагедијата во која загинаа 14-мина, 12 пациенти и две надворешни лица. Извештајот е предаден на тетовското јавно обвинителство.
„По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, стои во извештајот на крим-техничарите.
Според вештачењето, за ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради меѓу просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот, стои во извештајот на вештите лица. Граѓаните бараат одговор за трагедијата, кусо коментираше премиерот, но додаде дека не го видел извештајот, поради обврските.
„Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со се што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.
Од обвинителството појаснуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции и вештачењето од германските експертски. Во меѓувреме, интензивно се постапува по предметот, а се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на трагичниот настан, велат од обвинителството. Се најавува дека по прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката. Засега се уште нема детали од увидот на целокупната документација за набавката и изградбата на модуларните болници, што го прави обвинителството за организиран криминал. Премиерот Заев вели дека одлуката за поднесената оставка од министерот Филипче и неговиот заменик ќе ја донесе по завршување на истрагата.
Милчо Велески
