Амортизација

Ќе се зголемува домашното производство на струја

05.10.2021 14:17

Цента на струјата е утврдена, не се очекува од нејзиното поголемо зголемување, уверуваат од Владата. Додаваат дека граѓаните не треба да стравуваат, ниту од зголемувањето на цените, бидејќи Владата е тука да помогне во амортизирање на ценовниот шок на производите...

Со интервентна набавка на 1,8 милиони тони јаглен ќе се активира третиот блок на РЕК-Битола, а ќе продолжи со работа и ТЕЦ Осломеј. Со тоа ќе се зголеми домашното производство на струја и ќе се амортизира берзанскиот скок на цената на електричната енергија која од 70 достигна дури 220 евра за мегаватчас.

„Денеска е објавен тендерот за набавка на јаглен. Затоа што сметавме дека треба да интервенираме со дополнително производство на електрична енергија од нашите домашни ресурси. Тоа е одговор не заради тоа што некој го побарал тоа, туку затоа што ги следиме состојбите и сметаме дека тоа е адекватна политика и така би требало Владата да се осигура безбедност во снабдувањето со електрична енергија, првично за домаќинствата, јавните институции и секако и на стопанството“, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

До крајот на годината на државната ЕСМ ќе ѝ се помогне со интервенција од буџетот со 1,2 милијарди денари што ќе претставува раздолжување на одредени државни компании како што се Железници. Исто така на јавните институции ќе им бидат ставени на располагање поголеми средства за покривање на трошоците за елктрична енергија затоа што се излезени на слободниот пазар.

Растот на цените на енергенсите не би требало да предизвика зголемување на инфлацијата смета премиерот Заев, затоа што трошокот за електрична енергија во просек учествува со 3% во цените на домашните производи, а инфлацијата ќе остане во рамките на проектираното.

Нема причини за корекција на цената на струјата, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Бислимоски, затоа што ЕСМ во целост ги покрива потребите на Универзалниот снабдувач по цена од 36 евра за мегават час. Цената важи најмалку до крајот на декември, а потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар.  

 

Свето Николовски