Дрвошанов: Нови булевари, градски пазар, привлекување на инвестиции во Струмица
Нови булевари, нов градски пазар и привлекување на инвестиции во Струмица, вети кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ Дрвошанов. Најави детална анализа за неодговорното работење на власта во Струмица, а еден од приоритетите е Струмица да биде еколошки чиста без диви депонии кои го загрозуваат здравјето на граѓаните.

Кандидатот за градоначалник на Струмица Жан Дрвошанов синоќа на своите сограѓани им претстави дел од својата изборна програма за која вети дека ќе ја реализира за разлика од програмата на актуелниот градоначалник која останала нереализирана.
Во деновите што следуваат вашата доверба ја бараме заради изградбата на новата булеварска инфраструктура која ќе ги поврзува граѓаните. Доверба заради изградба на современ градски пазар со можност повторно Струмица да го врати својот препознатлив изглед со своите квалитетни производи. На Струмица и е потребна заложба за модерното и извозно ориентирано земјоделско производство, потребни и се нови понуди за стопанските гранки, нови вработувања и подобар стандард за граѓаните, нови можности за културен и спортски живот, истакна Дрвошанов.
Тој вели дека еден од приоритетите е Струмица да биде еколошки чиста без диви депонии кои го загрозуваат здравјето на граѓаните. Дрвошанов најави детална анализа за неодговорното работење на власта во Струмица.
Поддршка на Дрвошанов во Струмица даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ги праша струмичани дали се подготвени да им подарат нови четири години на истите луѓе кои веќе 16 години досега ги изневерија очекувањата, даваа лажни ветувања и потонаа во својата моќ и ароганција, во корупција играјќи си со животите на граѓаните.
Педесет и два месеци Зоран Заев го возат во службени лимузини, 52 месеци семафорите се палат и гасат за Заев, 52 месеци ги злоупотребува привилегиите на власта, а што има за возврат направено за народот, нормално ли е да се вози премиерот во ново патничко возило БМВ, додека народот страда за леб, земјоделецот едвај врзува крај со крај. Тој вели дека повисоките цени го јадат семејниот буџет, половина милион луѓе живеат со сто и педесет денари на ден, а покачени се цените на маслото, млекото, брашното, а денес по којзнае по кој пат се покачи и цената на бензинот, а се најавува и она кое ВМРО-ДПМНЕ го говореше покачување на цената на струјата, а платите не се доволни за намирување на основните потреби, рече Мицкоски.
Мицкоски од Струмица истакна и дека, додека гореа 14-те луѓе во Тетово, Заев следниот ден го достави Законот за марихуана во парламентот за да му помине и да му дозволи семеен извоз. Нема ден без скандали, нема скандал со правна завршница, одговорот на ова од страна на власта е дефокусирање и релативизирање,а тие почитувани сакаат да мислите дека сите сме исти, да мислите дека без нив нема иднина, а во суштина тие се кочницата за нашата заедничка иднина, вели Мицкоски.
Тој истакна дека Заев вчера во Тетово говорел за „чиста Македонија“ во некаков етнички контекст и истото го поврзувал со ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи исто така дека не сака криминалци и измамници да ја влечат Македонија назад и не сака пактови со истите. Нам ни треба да создадеме нова иднина. Нова иднина основана на надеж и шанси за обичниот човек. Надежта е способност да се види дека постои светлина и покрај сите темнини, рече Мицкоски.
Стојне Митева
