Мурсели: Тетово е подготвено за големи промени
Тетово е подготвено за големи промени, доста граѓаните беа понижувани, тие веќе се чувствуваат како странци во сопствената држава, порача кандидатот за градоначалник за Општина Тетово од Алијансата за Албанците и Алтернатива, Вулнет Мурсели. Вети подобра инфраструктура и повеќе зеленило.

Ќе бидам отчетен, ќе знаете каде завршуваат вашите пари. Ќе бидеме транспарентни пред граѓаните, посочи кандидатот за градоначалник за Тетово од Алијансата за Албанците и Алтернатива Вулнет Мурсели. Најави програма која ќе ги опфати лицата со посебни потреби како и жените претприемачи. Како главен приоритет е пренамена на тетовската касарна во градски парк, каде би се отвориле нови детски градинки и објекти за стари лица. Општината треба да им служи на граѓаните, не обратно. Ние ветуваме поголем број паркинзи и целосно редефинирање на градскиот плоштад.
„На луѓето со посебни потреби ќе им овозможиме полесен приод и пристап до јавната инфраструктура, како и бесплатен паркинг. Ќе работиме за што повеќе жени претприемачи, преку директна помош и голем број проекти. Ќе имаме хуманитарни центри каде ќе се едуцираат младите. Ќе работиме за доброто за сите. Мора да се посветиме на младите кои сега оваа општина ги користи само за реклама“, рече Мурсели.
Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ги повика тетовци да го дадат гласот за Мурсели оти како што рече, неговата партија ја сочинуваат луѓе со чист образ
„Сите општини кои досега го водеше Алијансата за Албанците се без долгови, транспарентни, а тие од ДУИ имаат долгови до гуша, блокирани сметки, неисчистени улици, а јавни површини узурпирани. Тетово е град со два универзитети, овој град тоа не го заслужува. После 17 октомври на универзитетскиот град ќе му го вратиме тоа што го заслужува. Големи паркови, велосипедски патеки, сите ќе бидат горди со новиот градоначалник на Тетово, Вулнет Мурсели“, изјави лидерот на Алијанса, Зијадин Села.
Власта ќе оди во опозиција и ќе одговараат за сите злодела кои ги направија, дополни Села.
Зоран Димовски
