Тодоров најави регионален откупен центар, гасификација, старт-ап центри во Кавадарци
СДСМ и коалицијата на митинг во Кавадарци. Оттаму порачаа да се работи за поуспешно и модерно Кавадарци. Да стане град препознатлив по културата, град препознатлив на Балканот. Кандидатот за градоначалник Горан Тодоров, најави мерки за намалување на загадувањето …

Коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ ги претстави изборните програми на кандидатите за градоначалници и советничките листи во тиквешкиот регион и во Повардарието. Кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Горан Тодоров на митингот рече дека со кандидатурата целосно се насочува кон својот роден град.
„Со квалитетен и амбициозен тим можеме да ги реализираме сите цели за Кавадарци, а од суштинска важност е родовата рамноправност“, изјави Тодоров. Тој пред кавадарчани вети изградба на регионален центар за откуп на грозје, гасификација, бизнис старт-ап центри, намалување на загадувањето, изградба на старски дом, катна гаража во центарот на градот, бесплатен оброк за децата до девет години, стационар за кучиња, нови спортски села во селата, реконструкција на фудбалски игралишта и намалување на сметките за комунални услуги до 50%.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев од Кавадарци посочи дека градоначалникот, заедно со советниците од СДСМ и коалицијата ќе реализира уште многу проекти за Кавадарци, најави зголемување на платите и пензиите, вложувањата во патната и комуналната инфраструктура и поддршката во лозарството и винарството и на малите бизниси. Заев вели за четири години Владата во земјава изгради 60 градинки, 80 училишта, 60 објекти за полицијата, 34 здравствени установи, за разлика од како што наведе, нивниот политички противник кој поставувал споменици, гипскартон, палми и жални врби. Гледаат граѓаните и прават разлика и тоа ќе го потврдат на денот на изборите, рече Заев, додавајќи дека во овој регион е реконструиран регионалниот пат Кавадарци – Росоман и транзитот низ Кавадарци, гасоводот Неготино – Кавадарци – Битола, водоводи и канализации.
Заев посочи дека во следните четири години се посветуваат на градење силна економија во секоја друга општина, локалната економија е важна, таа е двигател на животот, особено кога е насочена во ист правец како и државната. Така се работи државнички, чесно и одговорно, рече Заев. Коалиција предводена од СДСМ ги презентираше изборните програми на кандидатите за градоначалници и во Неготино, Демир Капија и Валандово. Тони Делков, Лазар Петров и Перо Костадинов.
Игор Панов
