Извештај на МВР

Пожарот во тетовската модуларна болница настанал поради спој на кабел со дефибрилатор

05.10.2021 16:33

Пожарот во тетовската модуларна болница настанал од спој од кабел на дефибрилатор, покажал увидот на крим-техничарите во МВР. Се очекуваат и други докази, по што ќе се донесе одлука за текот на постапката. Прво да го прочитам извештајот, па потоа одлука за оставките, рече премиерот Заев. СДСМ и ДУИ преку тетовското обвинителсто си нарачуваат извештај што им одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ...

Пожарот во тетовската модуларна болница настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел, на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажало вештачењето од крим-техничарите во МВР за трагедијата во која загинаа 14-мина, 12 пациенти и две надворешни лица.

„По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период“, стои во извештајот на крим-техничарите.

Според вештачењето,за ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради меѓу просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот. Граѓаните бараат одговор за трагедијата, кусо коментираше премиерот, но додаде дека треба да го прочита извештајот, па ќе се произнесе за оставките.

„Дозволете да го прочитам извештајот, да го видам со се што е објавено, за да можам да ги дадам своите реакции и веднаш во текот на денот или најдоцна утре ќе дадам свој коментар за ова“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција денеска во Владата.

СДСМ и ДУИ преку тетовското обвинителсто си нарачуваат извештај што им одговара, за да скријат одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Филипче е најодговорен за изградбата на модуларните болници, рече Николоски.

„Од одговорност не може да избегаат и одговорност ќе се случи после овие локални избори после кои ќе има и ново парламентарно мнозинство , затоа што 14 човечки животи кои беа загубени не можат да завршат со некаков кабел кој не бил исправен“, нагласи Александар Николоски,  потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Од обвинителството појаснуваат дека ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции и вештачењето од германските експертски. По нивното разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката. Засега се уште нема детали од увидот на целокупната документација за набавката и изградбата на модуларните болници, што го прави Обвинителството за организиран криминал.

 

Милчо Велески