Сообраќајната култура на ниско ниво, надлежните со едукативни активности и казни

28.03.2014 13:13

Во Македонија лани загинале 48 пешаци. Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди, а дел од таа бројка се и деца...

И покрај многубројните активности, се уште на ниско ниво е сообраќајната култура. Околу 40 пешаци годишно го губат животот во земјава, а по нивна вина се случуваат 200 сообраќајни незгоди.

Во Македонија лани загинале 48 пешаци. Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди, а дел од таа бројка се и деца.

Надлежните институции  денеска најавија  превентивно-едукативни активности за намалување на бројот на загинати и повредени пешаци во рамки на Неделата за безбедност на пешаците, што ќе се одбележи од 1 до 7 април.

Низ улиците во центарот на Скопје сообраќајната полиција ќе дели флаери во црвена и жолта боја, зависно од однесувањето на пешаците, со статистички показатели  и превентивни предупредувања дека секој пешак може да стане жртва ако не ги почитува сообраќајните правила.

Неодговорните пешаци ќе добијат црвен флаер со информација дека направиле прекршок и ја загрозиле својата и безбедноста на другите во собраќајот, со информација дека за направениот прекршок би требало да платат глоба од 1.500 до 3.000 денари.