Заев од Брдо-Крањ: Декларациите на ЕУ да се преточат во дела
Премиерот Зоран Заев ја започна работната посета на Словенија, по повод Самитот на ЕУ за Западен Балкан што се одржува во Брдо-Крањ...
Народите на Западен Балкан очекуваат декларациите на ЕУ да се преточат во дела. Ако ЕУ не дејствува, разочарувањата кај народите од регионот ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка. Ова го изјавил премиерот Заев на заедничката средба во Брдо-Крањ со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, премиерот на Република Словенија, Јанез Јанша и со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
Како што пренесува владината прес- служба, на средбата била потенцирана важноста на проширувањето на ЕУ со земјите на Западен Балкан. За Брисел и натаму проширувањето на Унијата со земјите од регионот останува стратешки приоритет, што се очекува да биде нотирано и во денешната декларација од Самитот.
