Светска банка со подобрена прогноза за растот на БДП на земјава

06.10.2021 11:55

За македонската економија годинава се очекува враќање на предпандемиското ниво на раст на БДП од 4,6%, а за в година 3,7%...

Регионот на Европа годинава ќе забележи економски раст над предвидените 5,5% соопшти Светска банка во најновиот економски извештај. Раздвижувањето се должи на силното закрепнување на извозот во првата половина од годината, заживувањето на еврозоната,наглото зголемување на растот на цените на суровините, а зајакна и домашната побарувачка придвижена од вакцинацијата и државните пакети на поддршка. Сепак вашингтонските банкари предупредуваат на повеќе заразните соеви на Ковид 19 што можат да го забават економското закрепнување.

За македонската економија годинава се очекува враќање на предпандемиското ниво на раст на БДП од 4,6%, а за в година 3,7%.

Предвидувањето на Светска банка за заснова на продолжување на темпото на вакцинација,да нема нови заклучувања, како и на високата доверба на потрошувачите и на инвеститорите. Сепак банката предупредува дека на среден рок јавниот и јавно гарантираниот долг ќе останат растечки достигнувајќи 65% од БДП во 2023-та.

За да се зголеми растот се препорачува земјата да продолжи со структурните и институционалните реформи,кои можат да забрзаат со решавање на наследството во државните компании и мрежната инфраструктура, вложувањето во човечки капитал, зајакнување на независноста на јавните институции,владеењето на правото и промовирање на иновациите во приватниот сектор.