Заев на средба со Макрон, Меркел и Радев: Да продолжи дијалогот меѓу Македонија и Бугарија
На средбите на самитот ЕУ- Западен Балкан во Брдо крај Крањ, изразена подготвеност од Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји со намера да се дојде до решение...
Во Брдо кај Крањ, самит ЕУ- Западен Балкан. На маса, декларацијата која по долги преговори беше усогласена меѓу земјите- членки, со која уште еднаш се потврдува недвосмислената поддршка за европска перспектива на земјите од регионот. Сепак, со два услова.
Напредокот кон Унијата директно е поврзан со реформскиот процес на секоја земја одделно, и дека секое идно проширување на европското семејство ќе зависи од подготвеноста на Брисел за прием на нови земји-членки.
Премиерот Заев на заедничка работна средба со францускиот претседател Макрон, со канцеларката на Германија, Меркел, и со бугарскиот претседател Радев.
Македонскиот премиер ги изразил очекувањата и јасните определби за нашата евроинтеграција, потенцирајќи дека ЕУ треба да преземе конкретни чекори. Во разговорот била изразена заедничка подготвеност од Македонија и од Бугарија да продолжи дијалогот меѓу двете земји, со намера да се дојде до решение.
Шефот на владата имаше средба и со премиерот на Словенија, Јанша и еврокомесарот за проширување, Вархеји.
