Софија бара гаранции од Скопје
Потребен е поглед кон иднината за решавање на билатералните спорови кои влечат корени од минатото, порака на премиерот Заев на средбата со Макрон, Меркел и Радев на самитот во Брдо кај Крањ. Софија бара јасни правни гаранции дека Скопје ќе ги исполни обврските од Договорот за добрососедство. Брисел ветува посветеност на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан...
Европската унија да ги преточи ветувањата за интеграција на Западниот Балкан во дела, во спротивно, ако Унијата не дејствува, разочарувањата ќе бидат непоправливи и на огромна штета на големата европска идеја за заедништво и соработка, предупредил премиерот Заев.
По средбите со европскиот врв, германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Макрон како иден претседавач со Унијата, бугарскиот претседател Радев останал на ставовите за јасни правни гаранции дека Скопје ќе ги исполни своите обврски од Договорот за добрососедство. Нема преговори додека не се потпише билатерален протокол со земјава во ноември, категоричен Радев.
„Очекувам Бугарите, македонските Бугари, да бидат запишени во Уставот на Северна Македонија, а историската вистина да се признае, така како што беше признаена историската вистина со Грција и Договорот од Преспа. Очекувам смели решенија во историјата и во учебниците. После потпишувањето на протоколот тој треба да биде прифатен прво од Собранието на Бугарија, а потоа и во Македонија“, изјави претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Европската унија кажа „да“ за проширување, но под два услови, напредокот на евроинтеграцијата да зависи директно од реформите, но и од подготвеноста на Унијата да апсорбира нови земји членки. Во декларацијата од самитот ЕУ- Западен Балкан во Брдo кај Крањ, не влегол словенечкиот предлог за евроинтеграција на шесте земји од регионот до 2030-та, туку утешна награда од 30 милијарди евра за земјите во наредните седум години.
„Имаме заеднички интереси и заеднички можеме подобро да се развиваме. Интеграцијата на Западниот Балкан во заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е: Ние ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е пред очи“, нагласи Урсула Фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
ЕУ очекува од земјите од Западниот Балкан да продолжат да ја спречуваат илегалната миграција кон Унијата.
Ирина Гелевска
