Собрание

Опозицијата бара итна седница за разрешување на Филипче и Хасани

06.10.2021 15:15

ВМРО-ДПМНЕ до спикерот Џафери со иницијатива за свикување итна собраниска седница. На дневен ред предлог- одлуки за разрешување на министерот за здравство Филипче и неговиот заменик Хасани. Опозицијата бара политичка и објективна одговорност за трагедијата во Тетово. ВМРО-ДПМНЕ ја политизира трагедијата, велат од СДСМ...

ВМРО-ДПМНЕ бара итна собраниска седница со предлог-одлуки за разрешување на министерот за здравство, Венко Филипче и неговиот заменик, Илир Хасани. Оттаму посочија дека спикерот Џафери според деловникот одлуката за седница треба да ја донесе во рок пократок од десетина дена. Од опозициската партија и натаму останува на барањето за формирање анкетна комисија во Собранието, откако ќе го добијат целосниот извештај за трагедијата во Тетово.

Од СДСМ велат дека ВМРО- ДПМНЕ ја политизира трагедијата. Децидни дека дека сите надлежни институции покажале капацитет, стручност и подготвеност да спроведат ефикасна и темелна истрага за откривање на причините кои го предизвикаа пожарот во Тетово.

„Сите надлежни институции покажаа капацитет, стручност и подготвеност да спроведат ефикасна и темелна истрага за откривање на причините кои го предизвикаа пожарот во Тетово. Наместо да ги остави институциите да работат независно и професионално, ВМРО-ДПМНЕ се уште се обидува да профитира врз несреќата“, се вели во реакцијата на Социјалдемократите.

Претседателот на Собранието, Џафери нема да коментира политички изјави, сѐ додека не го добие официјално предлогот, кусо одговорија од неговиот кабинет.

 

Дијана Ценевска