АХВ: Продолжува вакцинацијата против беснило

07.10.2021 10:20

Болеста беснило која може да се пренесува од животни на човек, во нашава земја последен пат е забележана во 2012 година. Агенцијата за ветеринарство со помош на европската унија веќе 9 години редовно врши вакцинација на дивечот, односно на лисиците, но препорачува и домашните миленичиња, а особено овчарските и ловечките кучиња, редовно да се вакцинираат.

Беснилото е опасна болест и за животните и за луѓето, но кај нас според надлежните институции  ја нема од пред девет години.

Последниот случај на беснило кај луѓе во земјава бил регистриран во 1976 година, а на заболено домашно милениче, мачка во Радовишко, и кај дивите животни, волк во околината на Кочани во 2012 година.

Од тогаш нема ниту еден нов евидентиран случај, но експертите велат би можел да се појави ако не се спроведува пасивен надзор, ако не се врши редовно вакцинирање на милениците и доколку редовно не се реализира кампањата за пролетно и есенско вакцинирање на лисиците.

Во земјава се чипирани повеќе од 100.000 домашни миленици од кои најголем дел се кучиња, а преку 60 проценти од чипираните миленици редовно се вакцинирани секоја година.

Проблем, велат од Aгенцијата за ветеринарство,  се овчарските и ловечките кучиња во руралните средини кои најчесто не се вакцинирани поради недоволна информираност или едукација на сопствениците.

 

Методија Трајков