Пендаровски: Билатералните односи меѓу Македонија и Грција влегуваат во нормален тек

07.10.2021 11:41

Тој очекува дека ќе продолжи да се развива динамиката на политички односи на највисоко ниво – премиерско, претседателско и министерско.

Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Хеленската Република влегуваат во нормален тек иако тоа е само почеток на еден подолг процес, изјави во интервју за МИА претседателот Пендаровски по дводневната прва, но историска посета на Грција.

Тој очекува дека ќе продолжи да се развива динамиката на политички односи на највисоко ниво – премиерско, претседателско и министерско.

Претседателот на Републиката открива дека Мицотакис, за билатералните односи коментирал дека се како „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Грција и вели дека од грчка страна немало никаков приговор за имплементацијата на Договорот од Преспа.

За упатената покана, грчката претседателка да оствари возвратна посета на Северна Македонија, Пендаровски истакнува дека „начелно постои изразена волја и желба од нејзина страна да ја посети нашата држава“ што, според него, би била можност дополнително да се скрши мразот.

Во интервјуто, претседателот говори и за тоа дали постои единство во надворешната политика во Северна Македонија, правејќи споредба со ситуацијата во Грција.

Шефот на државата во вторникот и средата беше во официјална посета на Грција, прва на највисоко државно ниво, беше пречекан со сите државни и воени почести, оствари низа средби, меѓу кои и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.