Енергетика

АД ЕСМ ќе го засили производството за да се избегне најавениот ценовен шок

07.10.2021 12:58

Со набавка на јаглен од земјите од регионот, зголемен ископ на јаглен од рудниците и ставање во целосен погон на третиот блок во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј од декември до април, АД ЕСМ ќе произведува дополнителни количини на електрична енергија за потребите на стопанските субјекти за да се избегне најавениот ценовен шок …

АД ЕСМ од декември до април планира дополнително производство на електрична енергија со цел да се избегне најавениот ценовен шок посебно за стопанските субјекти кој се снабдуваат на слободниот пазар на електрична енергија. Новиот зголемен зацртан енергетски план ќе се гради преку распишаниот меѓународен повик за набавка на јаглен од земјите од регионот, зголемување на ископот од домашните рудници, ставање во погон на третиот блок на РЕК Битола и продолжување на работата на ТЕЦ Осломеј. Произведениот вишок на електрична енергија ќе биде понуден до стопанството по цени пониски од моментално берзанските, а повисоки од производна цена вели првиот човек на АД ЕСМ.

Ковачевски вели како практична и рентабилна се покажала минатата набавка од Косово. Очекува кон средината на идната недела кога завршува рокот на меѓународниот повик, да се добијат и првите понуди.

Од друга страна пак, сето ова по вчерашното соопштение ќе биде под лупа на Државната комисија за спречување на корупција. Имено од таму се вели дека темелно ќе биде разгледана целокупната документација односно дали наведена набавка и реализација е планирана за овој период и дали за истата се предвидени и обезбедени средства.

Инаку, цената последниве месеци од 56 евра за мегават час е зголемена за трипати и нема најава за евентуално намалување.

Стевче Митревски