Заев: Не е проблем да се вклучат Бугарите во Уставот
Вклучување на Бугарите во Уставот како етничка заедница не би било проблем-смета премиерот Заев, откако претседателот Радев повлекувањето на блокадата за нашите евроинтеграции го услови и со ова барање. Европската унија порача-ниедна земја членка не смее да се меша во домашната политика на други земји…

Не е проблем да се вклучат Бугарите во Уставот, вели премиерот Заев по барањата од бугарскиот претседател Радев дека тоа е еден од условите Бугарија да ја повлече блокадата на преговорите со ЕУ.
„Земјите од регионот коишто пристапуваат имаат пракса при отворањето на Уставот за членството во ЕУ, да ги додадат и другите етнички заедници освен мнозинството. Нашиот Устав е структуриран на тој принцип, сепак тоа не значи дека во моментов ќе го отвориме за овие прашања. Ќе биде доволно за Бугарија ако бара таква работа од аспект на преговарачкиот процес“, изјави премиерот Заев.
Шефот на дипломатија потврди дека со Бугарија се разговара за 5-те точки за краткото име, говорот на омраза, работата на историската комисија, правата на малцинствата и немешањето во внатрешните работи на двете земји. Шестата точка е внесување на Бугарите во Уставот, како што побара бугарскиот претседател Радев.
„Барањето за вклучување на бугарската заедница во Уставот, не е спротивно на нашите интереси, затоа што сметам дека Бугарија се поместува од првичната нерационална позиција за ’еден народ во две држави‘, во позиција во којашто велат има една бугарска заедница со свои идентитетски, културни атрибути различни од мнозинската заедница“, рече шефот на дипломатијата Османи.
Европската комисија не сакајќи да навлегува во барањето на бугарскиот претседател Радев за Бугарите во пописот, потсети станува збор за статистичка операција.
„Во случајот со пописот во Северна Македонија доколку станува збор за методолошки прашања, Европската комисија не коментира, но сака да се реши спорот со Бугарија што поскоро“, изјави Дана Спинант, заменик портпарол на Европска комисија.
Според Европската комисија, не е принципиелно една држава да диктира што било на друга земја.
Ирина Гелевска
