Локални избори

СДСМ очекува победа во првиот круг во Пробиштип

07.10.2021 15:20

Над сто проекти има во изборната програма на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ за Општина Пробиштип. До 2023 година најголемиот еколошки проблем – јаловишната депонија од рудникот „Злетово“ ќе биде санирана, истакна актуелниот градоначалник кој очекува поддршка за втор мандат. Платите ќе продолжат да растат, а пензискиот фонд е стабилен – порача Заев од Пробиштип.

Чесно и одговорно раководевме со општината четири години, и во време на пандемија работевме и инвестиравме. Раздолживме 120 милиони денари долг наследен од претходната власт, а со донации од околу 800 милиони денари во овој период реализиравме бројни проекти. На претходните избори ветив дека прв приоритет ќе ми биде изградба на патниот правец Пробиштип – Крупиште и тоа се реализира. Нема развој на Пробиштип без современа инфраструктура. Сега ветувам решавање на деценискиот проблем со јаловишната депонија. Барам поддршка да служам, а не да владеам со општината порача актуелниот градоначалник на Пробиштип

Донесен е детален урбанистички план за пробиштипскиот дел од туристичкиот центар Пониква, каде се планира изградба на викенд куќи и објекти со комерцијална намена. Но нема развој на Пониква без пат преку Турско Рударе, Шталковица, Злетово до Пробиштип. Анастасов ветува субвенционирање до 70 насто за енергетски ефикасни фасади и кровови на колективните станбени објекти. Браната Пишица ќе стане излетничко место, а за потребите на јавните институции и за наводнување на јавните површини ќе се користи техничка вода.

Во изминатите четири години владата посветено работела на заштита на достоинството на работниците. Ја зголемивме минималната плата од 9 на 15 илјади денари, со тенденција до крајот на годината да стане 18 илјади. Повисоките плати гарантираат стабилен пензиски систем, истакна Заев во Пробиштип.

Денес рударите земаат плата повисока од кога било, потенцираше Заев, но решен е и еден голем проблем со олеснување на условите за пензионирање со кои за околу осум години е скратен работниот стаж на вработените во најтешката професија.

За состојбите на меѓународен план, Заев истакна дека Европа ги препознава успесите на државата. И покрај проблемите кои Унијата ги има на планот на проширувањето, ние не се откажуваме од европската агенда и практикување на европските стандарди. „Успеавме во НАТО, ви давам збор дека ќе успееме и во ЕУ“, каде државата е силна колку што се силни општините кажа Заев.

Славица Величковска