ДУИ во Боговиње: Инвестиции во инфраструктурата, подобрување на статусот на Албанците
Нашата агенда ќе биде полна со задачи, ние сме подготвени сите барања да ги исполниме, да го подобриме статусот на Албанците, посочи лидерот на ДУИ, Али Ахмети на митингот од Боговиње. Кандидатот за градоначалник од оваа општина, Бесник Емшиу, најави инвестиции во инфраструктурата и решавање на проблемите во комуналната сфера.

Урбанистичко планирање, развој на планинскиот туризам, проект за канализација на сите села каде недостига, проекти за водоснабдување,се само дел од најавите на кандидатот за градоначалник за Општина Боговиње од ДУИ Бесник Емшиу. Најави отворање на градинка во Камењане, спортска сала во Боговиње, изградба на игротеки на отворено, како и отворени спортски терени. Ќе се залага за активирање на културните друштва, а со тоа и негување на традицијата.
„Чест е да си кандидат за градоначалник на ДУИ. Фокус на моето работење ќе биде земјоделието. Изградба на канали за наводнување, Во мојот мандат ќе работам за подобрување на условите за работа во образованието, како за просветните работници, така и за подобри услови на учениците. Општина Боговиње има потенцијал за развој на туризмот. Ние ќе направиме пешачки патеки до самите езера на Шара“, рече Бесник Емшиу, кандидат за градоначалник за Општина Боговиње од ДУИ.
Претседателот на партијата Али Ахмети, истакна дека имаат кадар со визија, големи идеи за напредок на сите граѓани и на целото општество.
„Од 2002-ра сме работеле за влез во НАТО, нема да застанеме тука. Ќе продолжиме на полето на инвестиции. Не можеш да бидеш дел од ЕУ, без добра инфраструктура патишта, план за градење, без канализација, без вода, чист воздух. Апелирам да ги вратиме реките какви што беа чисти, да ја вратиме пастрмката, сите имаме морална обврска да ги исчистиме реките и да создадеме добар амбиент за живот на нашите деца“, нагласи Ахмети.
Нашата агенда е живот, зелена агенда. Ќе имаме многу работа, но ние нема да се откажеме ќе продолжиме со уште позасилено темпо, дополни Ахмети.
Зоран Димовски
