ВМРО-ДПМНЕ: На 17-ти октомври граѓаните да гласаат против криминалот, корупцијата и уништувањето на Скопје
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски вети изградба на нови градинки, училишта и паркови во Ѓорче Петров и крај на дивите депонии. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги повика жителите на општината на 17-ти октомври да гласаат против криминалот, корупцијата и уништувањето на Скопје...

Во Ѓорче Петров повеќе нема да има улица со кал, ќе биде урбано и модерно. Нема да дозволиме граѓаните да се задушат од депонијата во Ново Село, туку напротив Ѓорче ќе стане белите дробови на Скопје, вети пред сограѓаните кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Стојкоски. Обвини дека локалната власт не го исполнила ветеното, и како што рече се фатила за работа два месеци пред изборите. На митингот ги повика граѓаните на 17-ти октомври да гласаат за 218 проекти од неговата програма, за кој се обврза дека ќе ги исполни во четиригодишниот мандат.
За најмладите предвидува изградба на две нови градинки, и реконструкција на постоечките. За учениците реконструкција на дотраените објекти на училиштата со нови енергетско ефикасни фасади и замена на азбестните кровови, воведување нови воншколски активности, но и стипендии за најдобрите ученици и спортисти. Стојкоски вети отворање на спортски клубови и реновирање на дотраените спортски сали, нови мултифункционални игралишта во три основни училишта во Ѓорче Петров.
Новина, како што рече, ќе биде проектот „Општината до твојот дом“ каде ќе се отворат вратите за граѓаните во месните заедници и ќе се направат пензионерски клубови. Главна заложба во неговиот мандат како што рече ќе биде решавање на деценискиот проблем со депониите. Вети изградба на 20 илјади метри квадрати зеленило, нов спортско рекреативен центар населбата Хром, нови паркови во Волково, Ново Село, Мирче Ацев, Хром, Дексион како и целосна реконструкција на централниот парк на Ѓорче Петров, уредување на кејот на Вардар и на реката Лепенец. За да се подигне стандардот на граѓаните во Ѓорче, како што рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Стојкоски, предвидува урбанизација и изградба на подземната инфраструктура на индустриската зона и влез на нови вложувања.
Трагедија е тоа што во 21-от век Кучково нема вода за пиење, има заборавени места кои немаат канализација и водоводна мрежа, а нема и асфалтирани улици, рече на митингот во Ѓорче Петров независниот кандидат за градоначалник Данела Арсовска. Таа пред граѓаните ја претстави својата визија и план како ќе изгледа Скопје доколку таа би го добила нивниот глас на 17- ти октомври.
На митингот од Ѓорче Петров лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од премиерот Заев и Филипче за пожарот во тетовската модуларна болница. Наместо да се смеат и гушкаат по митинзи, рече, треба да поднесат оставки. Мицкоски обвини дека власта имала четири години да го сработи ветеното, но наместо живот за сите, како што рече, донеле корупцијата, криминал и сиромаштија. Со СДСМ на власт Македонија нема да влезе во Европската унија ни до 2030 година. Сѐ што ветија излажаа, порача Мицкоски.
Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ се чесни и вредни луѓе кои ќе донесат подобра иднина и промена, рече Мицкоски и побара од граѓаните на 17-ти октомври да гласаат за, како што рече, да се стави крај на експериментите во здравството, економијата, локалната самоуправа, крај на потпросечни политичари и сето она што го донел Зоран Заев на политичката сцена.
Викторија Милевска
