Гласот на Америка ги укинува балканските сервиси
Во буџетот е предложено да се елиминираат српскиот, албанскиот, босанскиот и македонскиот сервис...

Одборот на гувернери за меѓународно емитување на владината агенција на САД, Гласот на Америка, објави детали од буџетот за 2015 година, во кој се предвидува укинување на балканските сервиси и издвојување на поголеми финансиски средства за азиската и африканската продукција.
Во буџетот е предложено да се елиминираат српскиот, албанскиот, босанскиот и македонскиот сервис. Сервисите за Персија и Узбекистан ќе се намалат, како и програмата која се емитува за Куба. Поради ова ќе се затворат и дописничките агенции во Хјустон и Ерусалим.
Дејв Алисон, вршителот на должност претседател на синдикатот кој ги застапува вработените во Гласот на Америка, оценува дека со укинувањето на сервисите ќе се отстапи од историската мисија која е почната во 1942-та.
Одборот на гувернери, за следната фискална година, од Конгресот побара 721 милиони долари, наспроти 731 милиони долари за тековната фискална година.
Планирано е во Кина да се зголеми употребата на социјални медиуми и програма, а се планира и отворање на нов сателитски телевизиски канал и проширување на програмата за учење на англискиот јазик.
