Гарантен фонд за задругите
Не зголемување на нивниот број, туку зајакнување на земјоделските задруги со формирање на национален кредитен гарантен фонд. Ова е приоритет за да се подобри нивното работење и производството на храна според нацрт- верзијата направена со помош на Европската унија во стратегијата која се подготвува за периодот од 2022 до 2028 година.

Високите каматни стапки и хипотеките со кои се соочуваат малите и недоволно финансиски моќни земјоделски задруги се големи пречки во работењето. За овој проблем во нацрт стратегијата за задругарството се предлага ново решение. Формирање на национален кредитен гарантен фонд кој за заем од комерцијалните банки ќе им ги обезбеди потребните гаранции за покривање на 50 проценти од капиталниот ризик.
Почетната основачка сума може да изнесува околу 500.000 евра што ќе може да се зголемува со работењето согласно насоките во стратегијата и очекуваното проширување на производството на задругите.
Документот предвидува Фондот да биде основан од јавен субјект и да ги вклучува министерството за земјоделство, комерцијалните банки и здруженијата на задругите.
Иако главна задача му е да им помага на земјоделците, експертите сметаат дека фондот ќе биде корисен и за комерцијалните банки. На овој начин тие би имале можности за повеќе пласмани на пари во овој дел од агробизнисот со обезбедена гаранција за ризикот. Нацрт верзијата е објавена од министерството и се чекаат сите забелешките и коментарите за нивно разгледување и можна примена во идните решенија.
Методија Трајков
