Шахпаска на Форум за поврзување во Тирана

08.10.2021 13:41

Преку Младинската гаранција и другите младински политики ја намаливме невработеноста кај младите од 43,2 на 28,3 проценти, изјави министерката за труд и социјала...

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се обрати на седмиот по ред Форум за поврзување кој се одржува во Тирана, под мотото „Заедно градиме подобар Балкан“, а на кој се дискутираше за Економскиот и инвестициски план на Европската унија за земјите од Западен Балкан.

Министерката Шахпаска учествуваше на панел дискусијата насловена „Што има за младите во Економско инвестицискиот план за Западен Балкан“, каде ги презентираше искуствата на Република Северна Македонија во дизајнирањето и имплементирањето на политики насочени кон подобра интеграција на младите на пазарот на труд.

Таа особено се осврна на нашите искуства како прва земја од регионот која ја воспостави и ја спроведува „Младинската гаранција“, по моделот развиен и применет во земјите од Европската унија.

„Од почетокот на 2018 година, кога го започнавме проектот Младинска гаранција па се до денеска, во оваа програма  успеавме да вклучиме 66.000 млади лица. Од нив 20.750 беа вработени во период од четири месеци по регистрацијата, додека 3.350 беа вклучени во активните мерки за вработување. Овие бројки покажуваат навистина успешна реализација на Младинската гаранција. Од друга страна, бележиме значајно зголемување на младинската вработеност, додека младинската невработеност од 43,2 проценти во 2015 година се намали на 28,3 проценти во вториот квартал на 2021 година. Овие бројки покажуваат дека политиките на Владата на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на младите даваат резултати“, оцени министерката Шахпаска.

Таа ја нагласи потребата од интензивирање на регионалната соработка во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат младите во сите земји во регионот, особено во делот на вработеноста, вклученоста и одржливата интеграција на пазарот на трудот, градењето на соодветни вештини и искуство.