УЈП

Скопјанка на врвот на листата со највисоки годишни бруто приходи

08.10.2021 15:09

Скопјанка е на врвот на листата со највисоки годишни бруто приходи во 2020-та. Остварила над 453 милиони денари за само 12 месеци – објави Управата за јавни приходи. Највисока плата зел стружанец вработен во индустријата со метали.

Најмладиот милионер има само седум години и лани инкасирал над милион и 16 илјади денари. Скопјанка пак за само 12 месеци заработила највисок годишен бруто приход од 453,1 милион денари, според Управата за јавни приходи, двојно поголем од остварениот во 2019-тата. Најтежок месечен приход има стружанец вработен во металската индустрија, над 105 милиони денари, а тетовец во 2020-тата најмногу се офајдил од игрите на среќа.

Адвокати, нотари, извршители, угостители, производители-на врвот топ најплатени минатата година. Единаесет граѓани во земјава со заработки над 100 милиони. Највисоки платите во здравството и фармацијата.

УЈП предупредува, ќе бидат блокирани сите фирми кои немаат исплатено месечни приходи. Без плата останале речиси 15 илјади вработени. Присилно според директорката Лукаревска се наплаќаат средствата од државната помош кои требало да завршат на сметка на работниците, а биле злоупотребени од газдите на компаниите

Жителка на Скопје доброволно пријавила бруто-доход од речиси 450 милиони денари, а тетовец скоро 250 милиони заработени од компании кои се занимаваат со мрежни и социјални платформи.

Сузана Фиданска Стоевска