Грција го зголемува обезбедувањето на границата со Турција
Грција го зголемува обезбедувањето на границата со Турција. Откако Талибанците владеат со Авганистан, официјална Атина очекува мигрантски бран преку турската територија. Со сличен проблем периодов се соочуваат и Полска и Литванија.

Грција го зголемува обезбедувањето на границата со Турција поради опасност од масовни мигрантски карвани од Авганистан по преземањето на власта од Талибанците. Во последните две години, Атина ја заостри политиката за ова прашање. Ѕидот долж границата со Турција беше продолжен, а на премините е инсталирана и надзорна аудиовизуелна мрежа. Илјадници мигранти лани се обидоа да ја минат границата. Турскиот претседател Ердоган тогаш му порача на Брисел дека ќе им овозможи да стигнат до ЕУ.
„Завршени се околу 37 километри од оградата. Со неа ќе се зајакне граничната безбедност, а таа е предуслов за сигурноста на нашите граѓани“, изјави Такис Теодорикакос, министер за цивилна заштита.
Покрај физичката бариера, ќе се мобилизираат и стотици нови полициски службеници кои ќе работат на аеродромите и во регионите во близина на границата. Атина и натаму ги отфрлува обвинувањата од групите за човекови права за тоа дека мигрантите кои биле приведени во Грција се депортираат без можност за азил.
„Ќе имаме дополнително зголемување на граничните сили, ќе се регрутираат 250 нови лица во рамките на полициските сили кои ќе му помагаат на обезбедувањето“, вели Теодорикакос.
Сè повеќе земји-членки на ЕУ бараат поголем ангажман од европската комисија против нелегалната миграција. Полска и Литванија се меѓу оние со невообичаено висок број на мигранти, најмногу од Ирак и Авганистан, кои стигнуваат до нивните граници од Белорусија. Според Брисел, Минск ги охрабрува масовните бранови мигранти поради притисок врз соседните земји, членки на европската унија и НАТО.
Маја С. Филдишев
