Изборната кампања влегува во финиш
Реториката се засилува, а партиите и кандидатите за градоначалници со интензивни активности на терен.

Последни три дена од трката за локална власт. Реториката се засилува, а партиите и кандидатите за градоначалници со интензивни активности на терен.
На Скопје не му треба политичар со празни ветувања, туку менаџер што ќе донесе решенија за поубав град и промени, истакна вчера независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, од централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град.
Крива Паланка ќе прерасне во атрактивна туристичка дестинација, урбана и чиста, гасифицирана, со асфалтирани улици, решен сообраќаен метеж, нова градинка, катна гаража, истакнаа на синоќешниот митинг од СДСМ.
Имаме чесни луѓе коишто си стојат на зборот, тоа е нашиот капитален проект, порачаа од коалицијата на ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“ пред граѓаните на општина Ѓорче Петров. Ветија зелена општина, и модерен и современ главен град каде што ќе функционираат принципите на зелената економија.
Сите неопределени гласачи, овојпат на изборите ќе им пресудат на двете големи политички партии- рекоа од Левица на вчерашниот митинг во Скопје. Партијата ги претстави сите кандидати за градоначалници за општините во главниот град.
Државната изборна комисија вчера на седница објави дека се почнати дополнителните обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди.
Почната е и дистрибуцијата на недоверливиот избирачки материјал до сите општински изборни комисии, додека доверливиот избирачки материјал, каде спаѓаат гласачките ливчиња и избирачките списоци, кои се комплетно завршени, ДИК со обезбедување од полицијата в четврток ќе го достави до сите општински изборни комисии.
Во петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави сите уреди за биометриска идентификација во општинските изборни комисии, кои и таму ќе бидат соодветно обезбедни од полицијата. Уредите за биометриска идентификација на гласачите се комплетно подготвени и наполнети со отпечатоците од прсти на гласачите од избирачкиот список, добиени од страна на МВР.
Вчера беа избрани и претседател и членови за вторите посебни избирачки одбори во општините каде има пријавено поголем број на заразени од КОВИД-19 или лица во самоизолација, во Велес, општина Гази Баба, Карпош, Крива Паланка, Кратово и Куманово.
Локалните избори ќе се одржат во недела на 17-ти октомври. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови.
