Денеска 10 нови случаи со мали сипаници

Ширењето на морбилите се доказ за опасноста од невакцинирањето

28.03.2014 15:51

Министерот за здравство, Никола Тодоров вели дека ова е доказ каде води невакцинирање на населението...

Уште 10 нови случаи со симптоми на морбили, освен досегашните 25 поради кои вчера беше прогласена епидемија во Скопје. Речиси сите се невакцинирани. Министерот за здравство Никола Тодоров смета дека ова е доказ какви последици носи невакцинирањето на децата.

„Имајќи предвид дека повеќето од заболените од морбили се над 16 години, тоа покажува дека во целиот овој период, и оној најмал процент на невакцинирани граѓани, при една ваква ситуација се први на удар. Ова е само еден аргумент повеќе за тоа дека не смее да се размислува и не смее да се преземаат чекори во правец на намалување на вакцинацијата или таа да стане незадолжителна. Ниеден родител нема право на погрешен избор за здравјето на неговото дете, напротив, секој родител има обврска да се грижи за здравјето на своето дете. Гледам денеска имаме епидемија на морбили, 25 се клинички потврдени, а денеска има уште 10 нови случаи. Ова покажува дека треба многу малку за да се појави епидемија. Сега не треба да се мисли дали децататреба да се пуштаат во градинка, на училиште или на масовни собири, туку треба да се мисли да се вакцинираат. Тоа е основната порака што е дадена од Комисијата за заразни болести-да се прочешлаат сите вакцинални картони, сите што не се вакцинирани да се вакцинираат,а особено онаму каде што има некој заразен а одат во градинка, на училиште, во колектив итн. и се на возраст до 50 години. Тие треба задолжително да се вакцинираат. Ова е особено значајно зашто сега сепојавува една ваква епидемија. Дечињата можат полесно да поминат,но сепак од 25, дури 22 се хоспитализирани поради потешки последици или компликации поврзани со морбилите, а најтешки последици предизвикува кај бремените жени. Не треба да си играме со вакцинацијата. Тоа е добро поставен систем, треба да се почитуваат воспоставените правила и не треба да се одбива вакцинацијата. Ова е доказ дека треба малку за да излезе некоја ситуација од контрола“,рече министерот за здравство Тодоров. 

 

Соња Стојановска