Филипче: Од наредната недела скрининг во училиштата, не се очекува нов силен бран на Ковид-19
Од наредната недела ќе почне скринингот во училиштата, најави министерот за здравство Филипче. Методологијата е готова, има доволно тестови, и од утре ќе се бара согласност од родителите. Епидемиолошката состојба е мирна. Намален е притисокот врз болниците и не се очекува да има нов силен бран од Ковид-19. Сепак, Филипче апелираше граѓаните да останат внимателни...

Не од оваа недела, туку од наредната, ќе почне скринингот за Ковид-19 во училиштата. Министерот Филипче рече дека анализата на учениците која траела подолго од предвиденото е причината за задоцнувањето со тестирањето. Методологијата е готова, има доволно тестови, и од утре ќе се бара согласност од родителите на 8.200 деца што по случаен избор, од електронскиот дневник ќе бидат дел од скринингот.
Епидемиолошката состојба е мирна. Само десетина деца заболени со коронавирусот се хоспитализирани, а нема податоци дека има трансмисија во училиштата, рече министерот Филипче. Објасни дека е намален притисокот врз болниците и не очекува да има нов силен бран од Ковид-19, но апелираше граѓаните да останат внимателни.
Се намалува интересот за вакцинација. Досега во земјава околу 750.000 илјади биле имунизирани со две дози, а околу 1.000 граѓани ја примиле и третата на „Фајзер“.
Владата наредната недела ќе одлучува дали ќе има промени во ковид мерките, односно дали за влез во затворен простор ќе се бара сертификат за примени две дози вакцина.
Викторија Милевска
