Царовска: Само со современо и квалитетно образование можеме да постигнеме дигитална трансформација
Спроведуваме постепена трансформација не само во делот на онлајн наставата, туку и во дигитализирање на учебниците и на услугите во образованието, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска за време на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан кој се одржува во Подгорица, Црна Гора...

Здравствената криза го забрза значително процесот на дигитализација на образованието и Република Северна Македонија е горда на постигнатите резултати. Спроведуваме постепена трансформација не само во делот на онлајн наставата, туку и во дигитализирање на учебниците и на услугите во образованието, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска за време на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан кој се одржува во Подгорица, Црна Гора.
„Јасно е дека дигитализацијата не е само тренд, туку огромна потреба. Држава која не вложува во овој процес, ризикува да остане години наназад во борбата и натпреварот за подобри услови за живот на граѓаните, во однос на останатите држави кои посветуваат внимание на овој сегмент“, потенцираше Царовска, додавајќи дека процесот на дигитализација на образованието во Северна Македонија уште повеќе ќе се интензивира првенствено во интерес на учениците и студентите.
Во своето обраќање на самитот, Царовска рече дека минатата учебна година имавме успешна настава со хибриден модел кој вклучи и онлајн настава што континуирано се надградуваше и се подигнуваше нејзиниот квалитет.
